СПОРЕД ИСТРАЖУВАЊЕ НА СВЕТСКИ ГЕОЛОЗИ
Тонат планините околу Охрид
Тонењето е регистрирано со седумгодишни истражувања на геолози и вулканолози од повеќе земји, а се случува меѓу масивот каде што завршува планината Галичица и корчанскиот дел во Албанија, потоа кај Велешта и Радолишта во Струшко, на истекот на Црни Дрим
Планини околу Охрид, почнувајќи од планината Петрино, Галичица, па сè до планинскиот венец кој го сочинува Јабланица на струшкиот дел, тонат, но некои и се издигнуваат. Колкави се поместувањата на планините наскоро ќе се знае, бидејќи странските стручњаци што ги вршеа истражувањата сè уште не ги имаат доставено резултатите во Охрид. Генерално, има тонење на охридскиот басен, велат во Хидробиолошкиот завод во Охрид. Истражувањата се вршени во рамките на утврдувањето на староста на Охридското Езеро. Во тимот биле вклучени американски, италијански и научници од уште неколку други земји. По професија биле геолози, вулканолози. Забележителна улога во овие истражувања имал Универзитетот во Келн, одделот за геологија. Тие вршеле и процена на ризикот од лизгање на земјиштата. Истражувањата се вршат континуирано од 2003 година. Покрај ова, се снимаше дното на Езерото и површинскиот дел на басенот на Охридското Езеро. "Тонење е регистрирано меѓу масивот каде што завршува планината Галичица и корчанскиот дел во Албанија, потоа кај Велешта и Радолишта во Струшко, на истекот на Црни Дрим. Резултатите од испитувањата сè уште ги очекуваме, но морам да напоменам дека истражувањата беа многу темелни и беше користена современа опрема. Употребен беше и георадар, ласери. Овие современи уреди прецизно ги утврдуваа сите тектонски промени. Тогаш регистрираните поместувања во никој случај не можат да се поврзат со актуелните случувања со зголемувањето на нивото на Езерото и големите количини на води со кои се натопени планините. Тоа се истражувања кои започнаа пред седум години. Кога ќе ги добиеме податоците за поместувањата, ќе дознаеме и кои се причините", вели м-р Зран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод во Охрид. Странските експерти го истражувале и дното на Охридското Езеро. "Имаме големи промени на дното на Езерото. Битно е да се напомене дека и тоа тоне. Имаме нови резултати. Такви испитувања беа вршени уште во 1974 година. Тогаш тоа го спровеле Океанографскиот институт од Сплит и Хидробиолошкиот завод во Охрид. Најновите покажаа дека имаме поголеми длабочини на места каде што било поплитко. На тој начин Езерото се подмладува", објаснува Спиркоски. Македонските, грчките и албанските стручњаци вршеле испитувања и за прелевањето на водата од Преспанското во Охридското Езеро. Утврдено е дека ако порано прелевањето се случувало за неколку седмици, сега тој процес трае 16 часа. Овој дел од истражувањето го работеле македонско-албанско-грчки тимови.
Д.Чубриќ
|