НЕПРЕДВИДЛИВИ ФУДБАЛСКИ СУДБИНИ
Место во калчото, заврши во нашата Втора лига
КИЧЕВО. - По одличните настапи на меѓународниот фудбалски турнир во Вијареџо, Италија, како член на младинскиот состав на струмичка Беласица, за Дарко Божинов пројавија интерес повеќе италијански екипи, но и клубови од други западноевропски земји. Предничеа Бари, Лече, Бреша и Тревизо и кога се очекуваше преселба на Божинов во калчото, тој неочекувано заврши во второлигашот Напредок од Кичево. - Беа тоа моите први фудбалски настапи надвор од нашата земја. Бргу се снајдовме на странска почва и за кусо време остваривме триумфи над еминентни италијански прволигаши како Милан, Џенова и Бари, со што и мојата цена на фудбалскиот пазар значително порасна. Повеќе менаџери кои будно го следеа овој турнир не го криеја интересот за мене - вели Божинов. Но, како што вели, состојбите нагло се променија минатата пролет, кога тој по третпат настапи на турнирот во Италија. - Незабележителните резултати на екипата и мојата повреда беа главните причини за намалениот интерес за мене. И место во калчото, завршив во второлигашот Напредок. Но, имам само 19 години, пред мене е речиси целата фудбалска кариера - ни рече младиот стопер на Напредок Дарко Божинов. (З.А.)
|