РЕПОРТАЖА-ЦРНА ГОРА СО СТРАТЕГИЈА ЗА елитен ТУРИЗАМ
Монте Карло може вода да и носи на Монтенегро
За разлика од нас Македонците кои ретко признаваме дека не знаеме нешто да сработиме, Црногорците го следат мотото: "Не знам, но познавам луѓе што знаат". И за разлика од нас кои немаме никава стратегија за развој на туризмот, тие имаат единствен концепт и сите државни институции заедно работат на остварување на тој концепт
Не сум бил во Црна Гора уште од времето кога живеевме во заедничка држава. Со неа ме врзуваат многу емотивни приказни. Моите ме учеа да пливам на Велика плажа во Улцињ каде што многу се давеа поради песочните дини кои ги правеа брановите на морското дно. Татко ми, како охриѓанец кој секогаш велеше дека е глупаво да се трошат пари за да се оди каде било кога веќе си го имаме Охрид, по едно хорор-летување во Улцињ секогаш раскажуваше: "Не требало да ги испраќаат непријателите на СФРЈ на Голи Оток. Требало да ги носат на одмор во Улцињ". За мене исто беше мачење, оти секој ден ме будеше рано наутро да гаргарам од солената морска вода за да не се разболувам зиме. Црна Гора ја паметам по првите вљубувања на некоја од плажите во Чањ или во Бечиќи, во оние легендарни извиднички или феријални кампови, во кои нe испраќаа за да учиме да пораснеме и да ги градиме братството и единството. Потоа на оние екскурзии низ Југославија бегавме од професорките и се капевме на Градската плажа во Будва. Од далеку ни го покажуваа Свети Стефан и ни раскажуваа дека таму е многу скапо и оти некогаш, во некоја од вилите летувале Ричард Бартон и Елизабет Тејлор, веројатно, кога Бартон го снимал филмот "Сутјеска" каде што го играше Тито. Неодамна пак ја посетив Црна Гора. Овој пат со пасош и со уште поавантурситички потфат за патување, оти мораш да минеш две граници. Оној колку-толку поднослив пат преку Косовска Митровица, мораш да го заобиколиш оти таму не пуштаат Србите. Се оди преку Пеќ, низ серпентини до граничниот премин Кула. Меѓу границата на Косово и Црна Гора има пат, долг 10 километри, ничија зона, оти, едноставно, нема рамен терен за да се постават две-три бараки.
Како Црна Гора од една туристичка дестинација, која беше позната по синдикалниот туризам, за неколку години стана светска туристичка дестинација која дури и една Мадона и "Ролинг стонси" ја избраа за да направат концерт? Како за Црна Гора почна да се зборува кога се мисли на елитен туризам, на гламур, на квалитет? Сфатив дека луѓето, за разлика од нас, едноставно, имаат концепт. И по прогласувањето независност, пред три години, сите работат да го остварат тоа што го замислиле. Имаат уште многу да прават, автопатот од северна Црна Гора до морето ќе се гради наредните десет години, допрва треба да го средуваат урбаниот хаос на крајбрежјето кој настанал во времето кога беа ни ваму ни таму, ни независни ниту во заедничка држава со Србија, уште се чувствува фрустрираноста од војната во бивша Југославија, последиците од ембаргото кога беа СР Југославија... Ама, луѓето имаат концепт и брзо одат напред. Директорот на Агенцијата за промоција на странските инвестиции Петар Ивановиќ (пандан на нашиот Виктор Мизо и на нашата агенција за странски инвестиции) вели: "Господ ни дал таква земја која овозможува да правиме елитен туризам". Тој вели дека прво Германците им сугерирале да одат на масовен туризам, како Шпанците и Турците. "Но ние немаме толку голем брег. Немаме ни острови. Но затоа имаме планини, реки, езера и сето тоа треба да се комбинира", објаснува Ивановиќ. Затоа Црна Гора сега се нуди и како дестинација во која нема само да се оди на плажа туку и како место кое може да понуди скијање на преминот меѓу зимската и летната сезона, кајак на реката Тара, фотосафари на Дурмитор, ручек на Авала... Тој смета дека наскоро, како што е, на пример, во Монте Карло, во Црна Гора треба да се појават компании кои ќе нудат и хеликоптерски превоз. Во Франција слетуваат во Ница и богатите со хеликоптер ги возат до Кнежеството Монако. Во Црна Гора ќе слетаат во Подгорица или во Тиват, па дури и во Дубровник во соседната Хрватска, па потоа ќе ги возат со хеликоптер, на пример, до Колашин или до Мојковац. Оти Црна Гора навистина е мала, но патиштата сe уште се очајни, и богат турист не сака да се малтретира по три-четири часа за да помине само 150-ина километри. Сосема исто размислува и Жарко Радуловиќ, еден од сопствениците на најлуксузниот хотел на црногорското приморје "Сплендид". "Целта ни е да направиме елитен туризам. Не за друго туку за да ја зачуваме Црна Гора за следните генерации". Радуловиќ, во чиј хотел, во апартманот кој чини 7.000 евра за една ноќ биле сместени Мадона и Мик Џегер, тоа го објаснува вака: "Во шпицот на летната сезона, во јули и август, во Црна Года дневно има и по 300.000 туристи. Толкава турканица не е добра ни за нив, а ни за домаќините. Во Будва, за која се пишува дека е најскап град за летување, се случува понекогаш повисоките делови да останат без вода. Каква елита, каков гламур, а не можеш да се истушираш кога ќе се вратиш од плажа".
Радуловиќ, кој се смета за еден од најголемите лобисти за елитен туризам бидејќи и самиот поседува три луксузни хотели во Бечиќи, крај Будва, мисли дека за Црна Гора би бие доволни 100.000 туристи дневно. "Ама побогати туристи кои, навистина, се трипати помалку од тоа што сега го имаме, но ќе трошат трипати повеќе. Тоа е идеално и за екологија, и за квалитетна услуга, и за уживање на плажа и на скијачки терени, и за самите Црногорци", вели тој. На ова размислување се насмеав и му ја кажав нашата анегдота за охриѓаните. Му реков: "Па вие сте исти како нашите охриѓани, подобро пратете пари и ич не доаѓајте!". Тој се насмеа и продолжи да се шегува на сметка на традиционалните вицови за Црногорците и за нивната мрзливост. Вели: "Знаете, и ние Црногорците се расипавме. Почнавме да работиме. Иако не мора да работиме. Доволно е само да не им пречиме на тие што сакаат да работат". И навистина е така. За разлика од нас Македонците кои ретко признаваме дека не знаеме нешто да сработиме, Црногорците го следат мотото: "Не знам, но познавам луѓе што знаат". На пример, директорот за продажба на "Сплендид" и на другите хотели од синџирот "Монтенегро старс" е Французин. Менаџерот на реновираниот хотел со 5 ѕвездички во Колашин е од Белград и работел како менаџер на "Интерконтинентал", а шефот на кујната бил Французин. Менаџерскиот тим на фирмата која гради марина за луксузни јахти и апартманска населба во Тиват под името "Порто Монтенегро" е собран од целиот свет. Генералниот директор е од Австралија, а работел на Волстрит во Њујорк, директорот за градежни работи е Британец, финансискиот директор е Британец, директорот за развој е од Белград... Само директорот за правни работи е Црногорец. Од Националниот туристички сојуз, кој е задолжен за координација на сe што е поврзано со туризмот, не се толку строги кога зборуваат за концептот на елитен туризам. Саша Радовиќ, директор на ова владино тело, вели дека е подобро наместо зборот елитен, да се користи зборот квалитетен. Во Црна Гора има само 2.000 кревети во хотели со пет ѕвездички и дури 200.000 кревети во мали хотели од по 3 и 2 ѕвездички и во приватно сместување. "Ние треба да ги пополниме и тие капацитети", вели Радовиќ и објаснува: "И во Кан можете да најдете хотел со три ѕвездички или младински хостел и евтино да спиете. Но тоа треба да биде квалитетно, мора да има стандард под кој не смее да се оди. Значи, како што кога плаќам за пет ѕвезди очекувам луксуз, базен, сауна, масажи и слично, и кога ќе платам за три ѕвездички треба да знам што очекувам". Затоа Радовиќ вели дека Црна Гора е дестинација за сечиј џеб. Во Милочер, спроти Свети Стефан, имате ноќевање што чини 500 евра, но само два-три километри појужно, во Сутоморе, може да се најде кревет за 20 евра.
И Саша Радовиќ ги истакнува различностите на Црна Гора како темел за градење на стратегијата за туризам. Прашува: "Има ли поубаво море од Јадранското?". Одговарам: "Има". Пак прашува: "Има ли поубави плажи од црногорските?". Велам: "Има!" Продолжува: "Има ли поубави планини и скијачки центри од црногорските? Има ли поубави езера од Скадарското?". Одговарам: "Да, има, еве Охрид е поубав!". И заклучува: "Има. Ама никаде го нема сето тоа на толку мал простор. Е тоа е предноста на Црна Гора". Дури и министерот за култура, спорт и медиуми Бранислав Миќуновиќ за културата зборува со јазикот на туристички работник. "На Балканот има и езеро, и море, и планина, и ливада", вели тој. Не го разбрав, оти од Скопје ме подготвуваа да го прашувам за културни проекти. Човекот е режисер, уметник и единствен што во Владата на Мило Ѓукановиќ не влегол како член на партија, па релаксирано продолжи да објаснува:. "Тргнете од Херцег Нови и спуштете се до Улцињ. За само два-три часа лежерно возење, на секои десетина километри ќе видите различна религија, различни традиции и дури и различни дијалекти на јазикот. Потоа тргнете кон планините. Ќе видите различни луѓе, различни обичаи, различни религии, различни јазици и пак различни дијалекти". Тој вели дека културата е промотор на туризмот. Со организација на културни настани и фестивали, Црна Гора на странските туристи им ја претставува мултиетничката филозофија на живеење. Од друга страна, со организирање на планетарни настани, за кои младата држава најде начин да ги организира, како што беа концертите на Мадона и на "Ролинг стонси" на плажата Јаз кај Будва, Црна Гора се претстави како организирана и модерна држава. Миќуновиќ вели дека не може Црна Гора да се натпреварува со соседна Италија. "Во споредба со нив, кои имаат 75 отсто од светското културно наследство, ние сме ништо", вели министерот за култура. "Но во споредба со тоа што го имаме помалку од еднонационалната Италија, ние компензираме со мултикултура. На многу малку места во светот, на толку мал простор вие ќе видите толку различни култури, различни јазици и различни религии. Тоа е нашата предност во однос на Италија, Франција, Грција и на Шпанија. Тоа е идиличната слика на туристот за Црна Гора како граѓанска држава, која мора да се зачува", вели Миќуновиќ.
Го прашав дури и претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ дали ја гледа Црна Гора како Монте Карло и како скапа туристичка дестинација. Тој скромно одговори дека не сака да се споредува со никого, оти споредбите не се благодарни. Но и тој ги потенцираше "вредностите кои се последица на блескави природни ресурси, на прекрасната местоположба и демографска различност" што како комбинација за туристичка понуда "може да обезбеди убав квалитет на живот за нешто повеќе од 650.000 жители колку што има Црна Гора". За разлика од него, сопственикот на хотелот "Сплендид" не е ни малку скромен. "Ма какво Монте Карло? Кнежеството Монако е помало од нас, имаат помало крајбрежје, немаат убави плажи, немаат толку планини и немаат толку различни култури. За 15-20 години Монте Карло ќе може вода да и носи на Монтенегро".
Луксуз од шест ѕвездички на 99 години
Билбордите низ Црна Гора се преполни со реклами на руски јазик за купување апартмани и станови. Тоа создава впечаток дека најголемиот број странски инвестиции доаѓаат од Русија. Но, во Агенцијата за промоција на странските инвестиции велат дека тоа е само привид. "Русите купуваат недвижнини, но не за да прават бизнис, туку за градење станови за одмор кои потоа се препродаваат", велат во Агенцијата. Меѓутоа, во Црна Гора веќе се влезени шест силни туристички брендови, два од Сингапур, четири американски, еден словенечки, а во државната Лотарија треба да влезе "Плејбој". На пример, сопственик на луксузниот Свети Стефан е Аман ресорот од Сингапур кој гради ултралуксузни хотели со шест ѕвездички. Тој го има познатиот стар Кралски хотел на плажата Милочер во кој сега има само шест апартмани и во кој ноќевање чини 500 евра. Вилите во "Свети Стефан" се реновираат и ќе се пуштат повторно дури в година. Синџирот хотели "Фор сизонс" ќе гради хотел во Тиват, "Кемпински" и "Хилтон" во главниот град Подгорица. Најголема инвестиција се очекува на потегот на 12-километарската Велика плажа во Улцињ и на Ада Бојана. Државата го нуди овој неразвиен дел од Црна Гора со 99 - годишна концесија, а инвеститорот е задолжен во првите 10 години да вложи милијарда долари. Рокот за пријавување на тендерот е продолжен до декември оваа година. Тендерската документација ја откупила фирмата "Хидра" од Дубаи. Ако се оствари оваа инвестиција, ќе се отворат најмалку 60.000 работни места, што за малата Црна Гора е премногу, па ќе има работа и за луѓе од регионот. На местото на ремонтниот завод на поранешната морнарица на ЈНА во Тиват никнува најголема марина за големи јахти на Медитеранот. Проектот под името "Порто Монтенегро" предвидува 630 везови за јахти, од кои 130 за суперјахти со големина од 25 до 180 метри и луксузни станови од 80 до 360 квадратни метри сместени во вили покрај марината. Инвеститор е Канаѓанецот Питер Манк, а акции во компанијата има и рускиот бизнисмен Олег Дерипаска. Горан Михајловски
|