КУЛМИНИРА ФИНАНСИСКАТА КРИЗА ВО МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ
Од шампиони до питачи
Денес имаме поранешен европски првак за кого најдостоинствената опција е да прогласи згаснување, имаме 14-кратен шампион во кошарка со крајно неизвесно утре и имаме клуб со чие име со децении се изедначуваше македонскиот спорт со едвај десетина илјади евра во својата опустошена каса
Финансиската слика на спортот во Македонија никогаш не била сјајна, и може слободно да се заклучи дека денес толку споменуваната рецесија не е ништо ново за него. Напротив, тој опстојува, живурка во таа сфера веќе 17 години. Само што не сме го знаеле тој термин. За држава со 350.000 невработени би било перверзно доколку не е така, но тоа доби апокалиптични размери кога почна да ги погодува најдобрите, најтрофејните, мини-гигантите во своите спортови. Така денес имаме поранешен европски првак за кого најприфатливата и најдостоинствена опција е да прогласи згаснување, имаме 14-кратен шампион во кошарка со крајно неизвесно утре и имаме клуб со чие име со децении се изедначуваше македонскиот спорт со едвај десетина илјади евра во својата опустошена каса. Колку оптимизам тогаш им преостанува на оние мали клубови кои сe уште идеалистички го третираат спортот под олимпиското мото "Важно е да се учествува". "Ако продолжи вака, црно му се пишува на спортот во Македонија", вели претседателот на (екс Кометал) Ѓорче Петров Иван Бојков. Тој добро знае што зборува. Во изминатите десет месеци чукна на речиси сите врати во државата, пред да сфати дека спортот, а камоли еден проверен европски спортски бренд, веќе никого не го интересира. Некогашната гордост на Македонија, во чии успеси подеднакво уживаа и премиери, и министри, и обичниот човек, и на чии натпревари беше престиж да се биде виден, полека, но сигурно ги брои своите последни денови. "Одлуката на Трифун Костовски да се повлече од клубот беше целосно изненадување за нас бидејќи само неколку дена претходно зборувавме за плановите за новата сезона. По толку години вложување пари, љубов и труд во клубот, тоа беше негово право. Брендот и имиџот, градени во последните 14 години, не беа доволни за да се најде спонзор - фирма или личност што би била заинтересирана да го продолжи успешниот пат. Упативме и јавен повик, остварив стотици контакти, сериозни и несериозни, некои беа и пред финализација, но ништо не излезе. Сите го ценеа тоа што е направено и што претставува клубот, но никој не прифати од за нив познати причини, а верувам дека и општите состојби во државата и светската економска криза си го сторија своето. Мака ми е и што ниту еден клуб не ја препозна придобивката да игра во Лигата на шампионите, па да направиме фузија што, исто така, го нудевме како реална опција", заклучува Бојков. Ѓорче Петров е клуб кој сите овие години беше финансиран исклучително од еден човек, а кога си замина тој, како да го напуштија сите. "Звучи чудно, но дури и кога станавме европски прваци, нашиот буџет не беше поголем од другите години. Тој секогаш се движеше меѓу 400.000 и 600.000 евра, што е за четири-пет пати помалку од вложувањата на другите големи екипи од регионот кои, сепак, никогаш ништо не освоиле. Успехот беше резултат на стручната и упорна работа, добрата атмосфера и мотивација и на големата грижа на спонзорот за клубот, евтино носевме играчи, па од нив правевме имиња. Трифун Костовски обезбедуваше 95% од тој буџет, создавајќи нешто досега невидено кај нас. Јас сум разочаран од нешто друго, од сите оние луѓе што секаде патуваа туристички и буквално живееја со клубот, но кои, иако зад нив стојат силни фирми и можности, сега не мрднаа со мал прст за да му помогнат со минимални средства достоинствено да ја заврши сезоната. Вака, и ракометарките останаа неисплатени од јануари", додава Бојков. По седум успешни години поминати на чело на Работнички, со освоени три шампионски титули, семејството Костовски минатото лето го презеде Вардар, нашиот најтрофеен фудбалски клуб. Сепак, нецела година подоцна, "црвено-црните" се без финансиер, откако Трифун Костовски се повлече на крајот од сезоната. Зимоска, исто така, имаше повлекување, но тогашниот градоначалник на Скопје реши да се врати во Вардар. Овој пат, заминувањето е дефинитивно.
"Во овој момент нема предуслови да се инвестира во спортот во Македонија. Кај нас спортот се сфаќа како гранка во која само се даваат пари. Во секој бизнис имате инпут и аутпут, а кај нас во спортот имате само инпут, без аутпут. Во Македонија нема предуслови спортот да се сфати како бизнис", објаснува Коста Костовски, кој беше тесно инволвиран во фудбалските инвестиции на неговиот татко. Одговорност за ваквата состојба има и државата. "Ние 15 години инвестиравме во македонскиот спорт, а државата ни со малиот прст не мрдна. Не бараме државата да нe заштити туку да ни овозможи некои поволности", додава тој. Победникот на Купот на Македонија од 2005 година Башкими се откажа на само ден пред почетокот на сезоната, оставајќи ја Првата фудбалска лига со 11 члена. Причина - беспарица. На тој начин, уште еднаш се покажа дека Куманово е премало за два прволигаша, откако Милано се наметна како помоќен тим. Сепак, и Милано се најде и сe уште е во незавидна ситуација, по апсењето на газдата Бајруш Сејдиу. Откажувањето на спонзорството на "Фершпед", откако власта му ги одзеде лиценците за работа, кон нашиот најтрофеен клуб Работнички е само последниот, можеби и најтежок удар врз и онака финансиски лабавата клупска кошаркарска сцена кај нас. Потрес со специфична тежина, но во баскет Федерацијата не можат да кажат дека не се навикнати на вакви удари. Во ниту еден друг екипен спорт кај нас немало толку откажувања или згаснувања на клубови од економски причини како во кошарката. Од баскет сцената ги нема и некогашните шампиони Никол ферт и Струмица. Струмичани одамна го немаат ниту Неметали Огражден, како и кумановци нивниот истоимен клуб, велешани Жито Вардар, прилепчани 11 Октомври, кочанчани Деликатес... Ги нема ниту едносезонски траечките Липашпед, Балкан стил или Поп спорт... И годинашниот финалист, а лани шампион Фени индустри, погоден од светската економска криза, на половина од сезоната ги намали примањата на кошаркарите. Клубот од Кавадарци, всушност, живее на клацкалка: кога има спонзор е во елитата и врвот, инаку никаде го нема. Слично како многумина. За женската кошарка и да не пишуваме. Затоа и првичната реакција на генералниот секретар на Кошаркарската федерација Дејан Лекиќ не чуди:
"Македонија нема систем, Законот за спорт е несоодветен за времето во кое живееме, спонзорите не се мотивирани со никакви бенефиции да даваат дел од својот профит во спортот, а клубовите се на катастрофално организациско ниво, без исклучок. Кога сето ова ќе се спои и на тоа ќе се додадат лошата ситуација со спортски објекти и со инфрастуктурата (која, за среќа, полека се поправа) и немањето квалитетна едукација на тренерски и друг стручен кадар, доаѓаме до жалната слика на спортот во која сите ние немоќно тонеме. Со оглед на сите овие факти, според резултатите кои ги постигнуваме, ние сме спортска велесила!". Лекот, според него, би бил: "Комплетно реструктурирање на спортот. Државата може многу да помогне, но втората половина од работата треба да ја одработиме ние, федерациите и клубовите". А составен дел од заздравувањето би било: "Овозможување, со јасни и прецизни формулаци, бенефиции за сите стопански субјекти кои вложуваат во спортот. Бенефициите да бидат мотивирачки и постапката за нивното добивање максимално поедноставена". КФМ веќе има изработено предлог за измени во Законот за спорт. Начелно прифатени, но реализацијата сe уште чека. "Во Македонија маркетинг пазарот се цени на 45-50 милиони евра. Во него има место и за спортот", додава Лекиќ.
Дали предлогот за формирање на национален спортски фонд, во кој би влегувале средства од спортски обложувалци и по еден денар од бандеролите за цигари и алкохол, и со кој би се финансирале врвниот спорт и настапите на репрезентациите или предлогот за помош на федерациите за развој на младинските екипи ќе го видат денот, останува да се види. Во КФМ се, сепак, оптимисти: "Ситуацијата не е сјајна, ама секое лошо со себе носи нешто добро. Спортот нема да умре, напротив, можеби сега е вистинската шанса за преструктурирање и за конкретни чекори од сите нас во заедничка стратегија со државните институции. Да се посветиме извесен период на реорганизација, а ако ја направиме квалитетно, резултатите ќе дојдат неминовно".
Закон за спонзорство во подготовка
Повлекувањето на долгогодишните спонзори од некои од нашите најтрофејни клубови најави кризен период во македонскиот спорт кој, за да се одржи на здрави нозе, ќе мора да има и помош од државата. Агенцијата за млади и спорт веќе работи на случајот. "Повлекувањето на спонзорите, а со тоа и згаснувањето на клубовите не е случај само кај нас туку го има низ целиот свет, најмногу како резултат на глобалната економска криза. Агенцијата за млади и спорт е во фаза на подготвување предлог-закон за спонзорство, со кој би се заштитиле екипите од вакви ненадејни промени, а притоа и би се привлекле нови спонзори во спортот", изјави директорот на АМС Драган Ѓурчевски.
Кај нас не се живее од билети и од ТВ -права
Додека во Македонија спонзорите се почеток и крај за секој спортски клуб, во посериозните првенства, пред сe, фудбалските, ваквите приходи се споредни за клубовите. Таму главните приходи доаѓаат од продажба на ТВ-права, на влезници и дресови, и на тој начин клубовите можат, без поголеми потреси, да преживеат откажување на спонзори. Најактуелен во моментов е Реал Мадрид, кој набрзина направи два огромни трансфера. Прво го донесе Кака од Милан за 67 милиони евра, а само неколку дена подоцна се договори и со Манчестер јунајтед за трансферот на Кристијано Роналдо, вреден 94 милиони евра. Сепак, овие трансфери имаат логика, ако се земе предвид дека Реал Мадрид во 2006 година ги продаде ТВ-правата за следните седум сезони за 1,1 милијарда евра на филмската и ТВ-компанија "Медијапро". Згора на тоа, со вакви ѕвезди мадридскиот клуб полесно ќе се пробие на азискиот пазар, кој сe уште е во развој. Веќе извесен период, тренд во фудбалска Европа е да се продаваат имињата на стадионите. Типичен пример е Арсенал, кој $ го продаде името на својот стадион за период од 15 години на авиокомпанијата "Емирати" за сто милиони фунти. Оваа појава е најмасовна во Германија каде што речиси нема стадион без спонзор. Меѓу другите, Баерн игра на "Алијанц", Шалке на "Фелтинс", Хамбургер на "Нордбанк", Штутгарт на "Мерцедес Бенц", Нирнберг на "Изи кредит" и Ајнтрахт на "Комерцбанк". Арсенал е најдобар пример и за приходите од влезници. Од неодамна, "топчиите" играат на нов стадион, кој ги чинеше 430 милиони фунти, за што мораа да земат и кредит од 260 милиони фунти. Сепак, со капацитет од 60.355 места, "Емирати" има просечна посетеност на премиерлигашките натпревари од 60.070 гледачи, што му носи на клубот нешто над 90 милиони фунти по сезона само од влезници. Манчестер јунајтед, кој има најголем стадион во Англија, заработува и над 100 милиони фунти од продажба на влезници. А како тоа функционира кај нас, највпечатливо доловува претседателот на ѓорчепетровки Иван Бојков: "Знаејќи го нашиот народ, никогаш не мислевме дека клубот може да живее од тоа. Ако не дадеш билет некому, како да си го навредил, и од пријатели правиш непријатели". Спортска рублика
|