ТУЖБИТЕ ВО ВАШИНГТОН И ВО ЛОНДОН СТАВЕНИ ВО МИРУВАЊЕ
ЕВН и Владата се договорија да се договараат
Во наредните три месеци Австријците од ЕВН ќе ги стават во мирување тужбите против Македонија во Вашингтон и во Лондон, и интензивно ќе преговараат со Владата за надминување на недоразбирањата. На прес - конференција вчера, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, заедно со претседателот на Управниот одбор на "ЕВН Македонија" Гинтер Офнер, изјави дека се договориле да најдат решение, но не прецизирале точен датум. Додека траат преговорите, ќе бидат одложувани и рочиштата за судскиот спор меѓу ЕЛЕМ и ЕВН кој се води во Македонија. "Се договоривме за принципите како ќе се надминуваат отворените прашања, тоа се седум до осум поголеми прашања кои се дефинирани дека треба да се решат - поделбата на долговите меѓу ЕВН и ЕЛЕМ , обврската за инвестирање, регистрирање на имотот на компанија. Важно процесот е ставен на шини, и се знае правецот", изјави Пешевски. Австријците подигнаа тужба во Вашингтон за лош третман како странски инвеститор, откако поради ненаплатени побарувања од старото ЕСМ, требаше на државната компанија ЕЛЕМ да $ платат близу 160 милиони евра. (Р.Ф.)
|